Макрон: Предлагаме едномесечен прекин на огнот во Украина

Франција и Велика Британија предлагаат едномесечен прекин на огнот во Украина „по воздух, по море и со енергетската инфраструктура“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. пренесе Ројтерс

Предноста на ваквото примирје е што „знаеме како да го измериме“, иако линијата на фронтот е огромна – „еквивалент на растојанието од Париз до Будимпешта“, рече Макрон.

Претходно вчера, пред почетокот на самитот во Лондон за Украина, британскиот премиер Кир Стармер објави дека Париз и Лондон работат на план за прекин на огнот што ќе им го претстават на САД, забележува Франс прес.

Емануел Макрон е убеден дека Владимир Путин ќе бара, пред се’, да ја понижи Украина, особено со демилитаризација, пишува и „Фигаро“.

„Нема да има европски војници на украинска територија во наредните недели“, уверува францускиот претседател. Но, тој предупредува: „Сакаме мир. Не го сакаме по секоја цена, без гаранции“.

Таквиот план ќе им овозможи на Европејците да учествуваат во преговорите што Трамп и Путин инаку би ги воделе сами.

Макрон уште еднаш повика на брзо признавање на последиците од американското повлекување, инвестирајќи многу во европската одбрана.

„Веќе три години Русите трошат 10 отсто од својот БДП за одбрана. Затоа треба да се подготвиме за иднината поставувајќи цел од околу 3-3,5 отсто од БДП“, вели тој.

Клучна порака од Лондон: Мир во Украина е можен само преку сила

Орбан: Европските лидери одлучија дека војната е неопходна