„Макпетрол“ за три месеци оствари чист профит од 2,2 милиони евра

Добар или уште подобро речено одличен старт на „Макпетрол“ во првите три месеци од годинава.

Компанијата го објави неревидираниот Биланс на успех за првиот квартал од 2024 година, а тој говори за остварен чист профит од 2,21 милиони евра за три месеци, или за фантастичен раст од 62 проценти во однос на истиот период од минатата година.

Овој одличен финансиски резултат нашиот нафтен гигант успеал да го оствари и покрај незначително намалените приходи, а што се должи на посериозното намалување на приходите остварени од продажба на странскиот пазар.

Попрецизно кажано, „Макпетрол“ во првото тримесечје од годинава прикажува оперативни приходи од 109,2 милиони евра, а тоа е незначајно намалување од само 3 проценти во однос на истиот поериод лани.

Разбирливо, приходите од продажба се главниот дел на приходнатан страна и тие му донеле на ова акционерско друштво сума од 108,9 милиони евра, што е исто така благо намалување за 3 проценти.

А, приходите од продажба на домашниот пазар се буквално идентични со оние остварени во истиот период од 2023 година и биле на ниво од 107,8 милиони евра, и кај нив нема ниту намалување ниту зголемување.

Онаа приходна ставка каде што има најголемо потфрлање се приходите од продажба на странскиот пазар, кои на компанијата и донеле прилив од само 1,1 милиони евра, што е четирикратно намалување во однос на истиот период лани, или, намалување за цели 76 проценти. Кога компанијата ќе го даде образложението на билансот, ќе стане појасно на што се должи ова значајно намалување на овој вид на приходи.

Значајно за нафтената компанија е што успеала да работи со навистина помали расходи наспротио приходите, или тие биле на ниво од 106,9 милиони евра, што е снижување за 4 проценти во однос на истиот период од минатата година.

На име трошоци на вработените од компанијата за три месеци се одлеале седум милиони евра, што означува раст за 6 проценти на платите за работниците или за награди за менаџерите.

Извор: Фактор.мк