И покрај законот за националните малцинства со кој Тирана го призна непостоечкото „бугарско малцинство“ во Албанија, под закана на Софија со вето врз преговорите на Албанија за членство во Европската Унија, Македонците во Албанија упатуваат сериозно предупредување до Софија, дека во Албанија нема бугари освен во бугарската амбасада во Тирана!
Македонско друштво „Илинден“-Тирана и Огранокот од Голо Брдо ја осудуваат дводневната посета на потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, во горанските села Оргост и Шиштевец на општина Кукс во Северо-источна Албанија каде живеат само Македонци.
Тие ја потсетуваат бугарската потпретседателка Илијана Јотова дека Македонците во цела Албанија говорат македонски јазик.
Македонскиот јазик не е дијалект на бугарскиот јазик и ја повикува владата во Тирана да се откаже од отворање училишта на бугарски јазик за Македонците во областа Гора бидејќи тоа претставува геноцид врз Македонците во Албанија и врз македонскиот народ во целина, стои во реакцијата на овие македонски друштва во Албанија.
Истовремено, се повикува македонската влада да демонстрира силна грижа за унапредувањето на положбата и правата на Македонците во Албанија.