Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, во соработка со државниот секретар Рекс Тилерсон, е задолжен да поднесе извештај до Конгресот на САД во врска со безбедносната соработка меѓу Русија и четири земји од Западен Балкан, меѓу кои и Македонија.
Извештајот треба да содржи проценка за соработката во областа на безбедноста со Русија на секоја од западнобалканските земји Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина поединечно. Во него треба да биде вклучен список на руски оружени системи и друг воен хардвер и технологија вредни една милијарда долари или повеќе, кои им биле дадени или биле купени од секоја од наведените земји од 2012 година наваму.
Документот треба да вклучува и опис на учеството на безбедносните сили на секоја од четирите држави на тренинг или на вежби со Русија во последните пет години, потоа опис на какви и да се договори за нивна безбедносна соработка со Москва, како и проценка за разузнавачката соработка меѓу тие земји и Русија.
Истовремено, извештајот треба да даде проценка и за соработката во безбедноста меѓу секоја од четирите држави од Западен Балкан со САД и со НАТО.