Македонската женска ракометна репрезентација до 20 години не доби речиси добиен натпревар со Португалија, со која само ремизира 28:28, иако во последните 4:13 минути влезе со водство од 28:25 на стартот од главната фаза на 24. Светско првенство за јуниорки во Македонија.
Но, во завршницата од натпреварот во салата „Борис Трајковски“ избраничките на селекторот Дарко Јанев имаа две ракометарки помалку на теренот по исклучувањата на Младеновска и на Миленкоска, згора дури пет удари кон португалскиот гол не завршија во него и посакуваното четвртфинале стана уште подалечно.
Стефаноска со 9 гола од 13 обиди и Коцева со 5/7 се издвоија во нападот на „црвено-жолтите“, кои утревечер од 20:15 часот ќе ги одмерат силите со Црна Гора.
Наградата за МВП на мечот, пак, ја доби голманката Чурлиновска за своите 19 успешни интервенции.