Македонските „шибицари“ главни во Берлин, полицијата се реорганизира

Иако во Берлин оперираат околу 200 „шибицари“, од кои 60 регистрирани во главниот град на Германија, а повеќето од вкупниот број се од Македонија, распуштена е берлинската единица за борба со овој вид криминал.

Бројките за организаторите на нелегални обложувачки игри со кибритчиња и со топче што се бара под нив се од администрацијата на Сенат на Берлин од јули 2017 година како одговор на прашањето од членот Јошка Лангенбринк.


Наместо специјалниот истражен тим формиран во 2013 година со четворица полицајци, сега поединечните полициски оддели треба сами да продолжат да се борат со бандите напоредно со другите обврски што ги имаат во гонењето на криминалот.

Весникот „Тагесшпигел“ пишува дека главни во овој „бизнис“ се „патувачките престапници од Македонија“, како што ги опишува.

„Задачите во бандите се јасно распределени. Обично има осум до десет лица. Некои привлекуваат минувачи, формираат ‘грозд’ околу играчот, а има и чувари да не наиде полиција. Доаѓаат во Берлин на три или четири месеци. Тоа е организирана измама“, пишува весникот.

Во 2016 година полицијата забележала значителен раст на овој криминал во споредба со 2015 година: повеќе кривични пријави, прекршоци, повеќе казни и „шибицарите“ биле пребарувани почесто. Полицијата има издадено и повеќе забрани за престој, а и „шибицарите“ повеќе не можеа да одат во одредени области на градот.

„Оваа измама на улиците на Берлин не е добра, но постојат работи што треба да се решат што се повисоко на листата на приоритети“, изјави Бенјамин Јендро, портпарол на Синдикатот на полицијата, наведувајќи го насилството од младински групи на „Александарплац“.