Македонските фудбалери протатнија низ Рига во Лигата на нациите

По долгата суша во однос на победите, фудбалската репрезентација на Македонија врза две во Лигата на нациите, по Ерменија славејќи убедливо и против Летонија со 3:0 во Рига за зацврстување на врвот на табелата во групата 4 од дивизијата Ц во Лигата на нациите, и тоа ослабена за петмина стандардни играчи.

Четвртиот триумф во исто толку меѓусебни дуели со Летонците го најави Јани Атанасов во 35. минута, зголеми Лирим Ќамили во 70. минута, а точка на резултатот стави Елиф Елмас со „бомбата“ во третата минута од судиското продолжение со својот 16. погодок во 81. настап во црвено-жолтиот дрес.

На половина од натпреварите во групата, во која вечерва во Торсхавн играат Фарски Острови и Ерменија, избраниците на селекторот Благоја Милевски имаат 7 бода, а в недела од 18 часот гостуваат во Ереван.