Македонските ракометарки пред Турција на ЕП, одличен прв дел против Унгарија (ВИДЕО)

Женската ракометна репрезентација на Македонија го заврши настапот на Европското првенство со пораз од 29:19 против соорганизаторот Унгарија, иако по првото полувреме беше само 11:10 за претендентот за (нај)висок пласман, но во групата се пласираа пред Турција, која на крајот беше декласирана од Шведска со 47:19.

Со освоениот бод токму против Турчинките, прв за „црвено-жолтите“ на еврошампионатите по 16 години, избраничките на селекторот Кристијан Грчевски на првото ЕП со 24 земји-учеснички во конечниот поредок ќе бидат најмалку и пред Португалија и Словачка, кои останаа со празни раце на три одиграни натпревари.

„Севкупно гледано, мислам дека игравме добро на овој турнир. Ние сме млада репрезентација пред која е светла иднина“, изјави Грчевски за настапот на една од двете најмлади селекции на турнирот заедно со Фарски Острови, со просек од 23,1 години.

Двата нереализирани седмерца од четири во првиот дел ја оневозможија Македонија дури и да води на полувреме против големиот фаворит, кој во второто, сепак, ги постави работите на своето место. Тоа прво полувреме, заедно со второто против Турција, кога со серија од 7:0 ја стопија големата негатива, а пред крајот дури и поведоа со два гола разлика, го покажаа потенцијалот на младиот македонски состав.

Најдобрата македонска ракометарка Сара Ристовска беше најефикасна против Унгарките со 6 гола од 9 обиди, пред Марија Јанкуловска со 4/7 и Ивана Џатевска со 3/4.

Вториот избор на голманската позиција на ова ЕП, Драгана Петковска, ја оправда довербата со 10 успешни интервенции, до кои 6 во првиот дел.