Женската ракометна репрезентација на Македонија го почна своето седмо Европско првенство со пораз во Дебрецин од 28:18 против Шведска, полуфиналист на годинашните Олимписки игри во Париз и на ланскиот мундијал.
„Црвено-жолтите“ отворија одлично против еден од фаворитите за медал и по пет минути водеа со 3:1, а резултатски приклучок одржуваа до 20. минута, кога беше 9:7 за Швеѓанките, но потоа не погодија цели 18 минути, му дозволија на противникот серија од 11:0 и тука заврши приказната.
На двоцифрениот пораз му кумуваа и 14. загубени топки наспроти само 6 на ривалот, а колку Македонките успеваа да го најдат патот до шведскиот гол зборува и податокот дека најефикасните во македонскиот тим Марија Јанкуловска, Ива Младеновска, Јована Кипријановска и Сара Ристовска постигнаа само по 3 гола.
На македонскиот гол Јована Мицевска запиша 11 одбрани, со успешност од 33 проценти.
Следниот противник во групата А на избраничките на селекторот Кристијан Грчевски в сабота од 20:30 часот ќе им биде Турција, која загуби од кодомаќинот Унгарија со 30:24.