Македонскиот ,,Франкенштајн” не е имагинација туку реалност

Екс вицегувернерката на Народната банка Маја Кадиевска – Војновиќ анализира дека нејзините предизборни предвидувања за состојбата на македонската економија и финансиски сектор за жал биле точни. Таа во анализа за порталот Парри ги потсетува сите што одбиваа да поверуваат дека македонскиот финансиски ,,Франкенштајн” не е имагинација туку реалност.

,,На 22.04.2024 година, пред парламентарните избори, имав колумна којашто ја предвиде иднината и реакцијата на сите сега „загрижени“ експерти, „загрижената“ сегашна опозиција (тогашна влада) и сите кои наеднаш со ребалансот се разбудија од зимскиот сон. Колумната насловена: „БУЏЕТОТ Е ВО ХАОС, ДОЛГОТ И НЕПЛАТЕНИТЕ ОБВРСКИ НА ДРЖАВАТА ГАЛОПИРААТ, А ОД СДС И ДУИ МОЛК!“ на следниов линк: https://pari.com.mk/budzetot-e-vo-haos-od-sds-i-dui-molk/”, пишува за pari.com.mk Кадиевска – Војновиќ потенцирајќи дека „Франкенштајн“ – чудовиштето веќе беше создадено, не беше имагинација.

,,Ова што денес нѐ снајде со буџетот е чиста рефлексија на минатото, на лошото управување со јавните финансии во периодот за и после Ковид-19 кризата и со економијата воопшто. Ништо не е од денес, сѐ е од вчера, завчера, пред 5 години и со 5 буџети по ред. Да и ова го има во колумната која сублимира многу колумни на темава од 2021 година наваму.

Нарушената фискална одржливост се кумулираше низ годините, а не со ребалансот на буџетот од 2024 година. Ребалансот е гасење на пожарот, за којшто не беше изградена долгорочна структура за гасење. Напротив, истиот силно гореше особено во последните четири и пол години”, вели во анализата Кадиевска – Војновиќ потсетувајќи дека Македонија имаше највисоки буџетски дефицити од сите земји во регионот во пост Ковид-19 кризата.

,,Во последните две години, некои земји имаа ниски дефицити, а некои и суфицити во услови на приходи подхранети од инфлацијата. Но, Македонија и покрај највисоката инфлација остваруваше високи буџетски дефицити. Наместо фискална консолидација, имавме фискална „де-консолидација“. Наместо штедење, имаше расипничко трошење. Изговор на тогашните власти беа кризите, а зар другиве земји не беа во криза? Немавме ефекти од „потрошените пари за справување со кризите“. Напротив, имавме најнизок економски раст во регионот, највисока инфлација и највисок раст на јавниот долг.

Фискалното правило за буџетски дефицит до 3% од БДП на годишна основа се прекршуваше две години по ред. Буџетските дефицити во 2022 и 2023 година беа 4,4% од БДП и 4,9% од БДП, соодветно. Во 2023 година се прекрши и фискалното правило за јавниот долг, зошто истиот го надмина прагот од 60% од БДП и беше 62,1% од БДП. Но, од тогашната власт и сегашните гласни „експерти“ имаше МОЛК.

Чиста политичка манипулација беше и планирањето на номиналниот БДП за да се прикажат подобри релативни показатели. Претходната влада ја промаши проекцијата на номиналниот БДП во 2023 година за високи 1,4 милијарди евра и ја пренесе во планот на буџетот за 2024 година. Планираа буџетски дефицит од само 3,4% од БДП.

Со ребалансот на буџетот, проекцијата на номиналниот БДП за 2024 година се корегираше. Затоа сега не почнуваме со дефицит од 3,4% од БДП, туку со дефицит од 3,7% од БДП за 2024 година. Но и вака – дефицитот не беше реално испланиран. Зошто? Во првото полугодие на 2024 година, до формирањето на новата влада, имавме реализација на буџетскиот дефицит од 71%, и реализација од 68% на новото нето – задолжување. Само на домашниот пазар се искористи просторот за задолжување и тоа во 90%.

Буџетот беше планиран само до формирање на новата влада. Високите преземани обврски на претходната влада не беа планирани во буџетот за до крајот на годината т.е немаше испланирано доволно пари за пензии и плати. И сега опозицијата (тогашната влада која го планираше буџетот за 2024 година) дава амандман за раст на плати? Која иронија”, заклучува Кадиевска Војновиќ.

Целата анализа на Пари.