Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека шефовите на дипломатските мисии на земјите што презедоа „непријателски дејства“ против Русија во знак на солидарност со Велика Британија во случајот „Скрипал“ се повикани во МНР.
„На амбасадорите ќе им биде врачена протестна нота и ќе бидат информирани за реципрочните мерки“, соопшти Министерството на својот профил на „Твитер“.
Меѓу триесеттина земји што донесоа одлука да протераат руски дипломати е и Македонија, а нејзин амбасадор во Москва е Гоце Карајанов. Тој беше повикан на разговор во руското МНР една недела пред ескалацијата на односите, кога му беше порачано дека Русија не гледа со благонаклонетост на амбицијата на Македонија за влез во НАТО. Истото тоа го соопшти вчера на прес-конференција и рускиот амбасадор во Скопје, Олег Шчербак, кој најави реципроцитет за одлуката на Македонија да протера еден негов соработник.