„Македонска правда“, 91 година од првиот број: „Македонската свест е во опасност, македонскиот народ треба да си го каже својот збор!“

„Македонското чувство и свест се во опасност. Македонскиот народ треба да е подготвен во секоја нова ситуација, при секоја нова промена во Грција, во Југославија или во Бугарија, да си го каже својот збор, да ја пројави својата волја и да учествува со своето активно присуство…“ – ова е напишано во воведната статија со наслов „Нашиот пат“ во првиот број на весникот „Македонска правда“, излезен на денешен ден, на 4 септември во 1933 година, како неделен орган на македонската емиграција во Бугарија. Клучните делови од оваа воведна статија ги има пренесено фејсбук-профилот „Македонија : вистинска бесконечна приказна“ (Macedonia : a True Endless Story). Без оглед што се напишани пред 91 година, наведените ставови во воведникот во првиот број на весникот „Македонска правда“ бликаат со сета своја актуелност и денес, небаре некој напишал политичка анализа во каква ситуација се наоѓаат Македонија и Македонскиот народ и во овој момент во 2024 година и што претстои, што треба да се стори и сега… Уредникот порачува во оваа воведна статија и дека „весникот ќе го подготвува и ќе го организира македонскиот народ, за да биде Македонија рамноправна членка на идната балканска федерација“, но и оти „ќе се бори за народносна и културна слобода во трите дела на поробена Македонија“.

Покрај другото, натаму во воведната статија во првиот број е напишано уште и следново: „Македонска правда’ се јавува на општествената сцена во еден момент, кога македонската свест беше почнала да темнее, македонското чувство да се колеба, а верата да слабее. И тоа поради беспаќето, во коешто беше турнато македонското дело, поради кризата во македонското движење … Новите борци за социјална и народна правда се изјаснија за федерација на рамноправни народни единици, признавајќи ѝ го правото на постоење и на Македонија… Ние сакаме целосен и слободен развој на македонската мисла — далеку од секакво туѓо влијание. Ние сакаме да докажеме дека македонската мисла не е обвиткана, ниту замрзната, туку е жива и способна на еволуција и обнова.“

Последниот 52-ри број  на „Македонска правда“ бил издаден на 3 април 1934 година. Овој весник излегувал во Софија на бугарски јазик со тираж од 8000 примероци првин под редакција на Димитар Поп Ефтимов до 11-иот број. Потоа одговорен уредник станува Илија К. Граматиков, но веќе со изменета национално-политичка концепција, под влијание на Александар Николов Протогеров, кој бил политичар, бугарски генерал и раководител на Внатрешната македонска револуционерна организација, познат и според неговата изјава: „Македонското прашање е бугарско прашање, затоа што Македонија во нејзиниот голем дел е населена со Бугари и јас сум од тие Бугари.“

Наспроти вториот уредник на „Македонска правда“ Илија К. Граматиков и неговиот политички ментор Александар Николов Протогеров, првиот уредник на „Македонска правда“ Димитар Поп Ефтимов (20.10.1890 –25.11.1961) застапувал изворни македонски позиции, спротивни на великобугарскиот врховизам. Во статија за Димитар Поп Ефтимов, објавена на 10 август 2022 година во весникот „Македонска нација“ пишува: Поп Ефтимов бил општественик, учител и новинар, деец на левицата на македонското ослободително движење. Влегол во Македонската револуционерна органзација. Емигрирал во Бугарија и се населил во Варна. Таму работел како учител и бил претседател на Варненското македонско културно-просветно друштво „Гоце Делчев“. Димитар Поп Ефтимов бил и член на БКП и КПЈ.

Се до промената на политиката на Софија Поп Ефтимов сведочи за македонскиот идентитет. Меѓу другото, говори дека пред 100 години името „бугарин“ во Македонија не било етничка ознака и дека тоа било наметнато со Егзархијата. Поп Ефтимов околу ова рекол: „Крајна цел на Бугарската егзархија била побугарување на цела Македонија. Пред еден век во една иста куќа таткото се чувствувал како чист Хелен (Грк), синот како Бугарин, а чичкото или вујкото како Срби, што значи дека дека во Македонија ‘бугарин’, ‘грк’ и ‘србин’ не биле етничка определба, туку црковна или политичка определба.“.

По ослободувањето на Македонија, во 1945 година Поп Ефтимов заедно со Спасе Чучук, Васил Куновски, Јордан Кираџијски и Јонче Јосифовски го пишуваат и го објавуваат во Скопје првиот буквар на македонски литературен јазик. Поп Ефтимов бил еден од основачите на Здружението на македонските новинари во февруари 1946 година.