Македонска алијанса: Заев и Димитров бадијала сервилни кон Атина

Македонска алијанса на Ѓорѓија Џорџ Атанасоски ја повика Владата „да не презема обврски кои не може да ги исполни“ како реакција на ставовите на поранешната министерка за надворешни работи на Грција, Дора Бакојани, на безбедносниот форум во Белград. Сегашната пратеничка на Нова демократија на форумот потенцираше дека само сложено име за севкупна употреба го отвора патот на Македонија кон Европска унија и кон НАТО.

„Од ставовите на Дора Бакојани може да заклучиме дека демонстрираната сервилност и конструктивност од Владата на Зоран Заев и Никола Димитров, кои освен мерките за за градење доверба, отидоа и чекор понапред со изразување подготвеност за преименување на аеродромот, дислоцирање споменици, негирање на античките корени, ревизија на македонските учебници по историја, е бадијала. Креирањето на високи очекувања за отпочнување на пристапните преговори со Европска унија и брз влез во НАТО-алијансата под привремената референца има ограничен ефект и допира само до дел од внатрешната јавност. На сите ни е јасно дека и евентуално да ги отвориме поглавјата за преговори, на крај за полноправно членство во ЕУ и во НАТО ќе мора да ги исполниме уцените на нашиот јужен сосед“, се вели во реакцијата на претседателот на Македонска алијанса.

Според Атанасоски, „ова е уште една потврда дека грчката страна нема намера да ги менува своите иредентистички позиции по македонското прашање. За нив не важи ни пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, ниту кои било други норми на меѓународното право. Атина го познава само јазикот на уцени и закани, без волја да отстапи ниту милиметар од своите националистички позиции, својствени за средниот век“.