Само неколку часа откако весникот Фајненшл тајмс прво напиша дека Македонија ќе го менува името за да влезе во НАТО а потоа на барање на МНР го смени насловот и објави дека Македонија размислува да влезе во НАТО со референцата ФИРОМ македонската дијаспора во САД ја обнови кампањата против менување на уставното име.
На социјалните мрежи уште попладнето се појавија старите пораки со кои од македонските власти се бара да не го менуваат уставното име за да се влезе во НАТО или ЕУ.
Најактивни во кампањата се „Меѓународното движење за човековите права на Македонците„ (МХМРИ) и Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) кои што на социјалните мрежи пласираат фотографии и пораки кои што ги користеа пред неколку години во слична кампања против менување на името.
„Немојте да бидете излажани од термините меѓународни, билатерални, уставни. Променете го еднаш ќе биде променето засекогаш“ , пишува претседателот на МХРМИ Бил Николов , кој деновиве имал средба со одделот за Македонија во американскиот Стејт Департмент.
Пред десетина дена Николов јавно го обвини американскиот експерт за Балканот Даниел Сервер дека лобирал за поделба на Македонија.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров пред десетина години беше македонски амбасадор во Вашингтон и има одлични односи со Македонците во САД. Поради тоа се очекува тој да биде под особено силен притисок од дијаспората во оваа земја доколку владата одлучи да направи неприфатлив компромис за името со цел да земјата да влезе во НАТО.