„Необјавено досега! По повод 36 години од убиството на Гоце Делчев, во 1937 година Македонците во Бугарија го печатат ‘Гоцев Лист’, во кој пишуваат познати македонски дејци, кои го познавале лично апостолот Делчев. Меѓу нив се Павел Шатев, Туше Делииванов, како и генерации, кои после нив ја продолжуваат борбата на Гоце: Антон Великов (пријател на Вапцаров, Антон Попов), Крсто Белев и други. Објавуваме еден запис од весникот ‘Гоцев Лист’ напишан од личност, потпишан со прекар ‘Македонка’, кој(а) живеел(а) во Асеновград. Нема потреба од никаков дополнителен коментар, се е јасно напишано во текстот на ‘Македонка’. Македонската емиграција го чува споменот за македонскиот великан Делчев, а не Бугарија, која сака денес да ги приграби неговото име и дело!“ – објави политичката партија ОМО „Илинден“ – Пирин на Македонците во Бугарија на својот фејсбук-профил по повод денешната 153-годишнина од раѓањето на Гоце Делчев, водачот и идеолог на македонската револуција и на борбата за национална слобода и создавање самостојна македонска држава на македонскиот народ.
Во својата објава на општествената мрежа оваа организација на Македонците во Бугарија го пренесува интегралниот текст на написот на „Македонка“ во весникот „Гоцев лист“ од 1937 година, во кој е напишано следното по повод 36 години од убиството на Гоце Делчев:
Патот (наследството) на Гоце обединува
Секој Македонец, кој се бори искрено за слободата на македонскиот народ, не може да не почувствува потреба да знае кој бил Гоце, што дал за ослободување на својот народ. И секој што го чувствува тоа ќе знае дека Гоце бил, е и ќе остане најголемата фигура во македонското револуционерно движење, кое го обединува околу себе целиот македонски народ.
Да го посочи вистинскиот пат кон ослободувањето, да стане знаме на својот народ во водењето на борбата за независност на нашата татковина; безрезервно да го прифати идеалот, да умре во редовите на таа борба, која за него беше сè… да остане засекогаш жив во срцата и душите на поробениот македонски народ, ова беше Гоце колосот во македонското ослободително движење.
Поминаа 34 години од неговата смрт, а неговото место останува невселено!
За македонската младина, Делчев е тој Водач и Учител, кој со својата крв го нацрта најдиректниот и најправилниот план за остварување на нашиот идеал, Гоце е историјата на Македонија. Изучувајќи ја неа, ние ќе го изучиме делото на Гоце, неговата идеологија, неговите принципи и завети, со еден збор, тој повлече пат кон слободата.
Да мислиме искрено за ослободувањето на Македонија, да го следиме само неговиот пат, да го продолжиме неговото дело, следејќи го она што тој го остави во аманет, односно да го подигнеме чистото знаме на Македонија!
Денеска најдобро ќе се доближиме до Гоце, а на македонската кауза ќе ѝ служиме најефективно само со негување верба и ентузијазам за обединување на сите македонски сили. Знамето е дадено, означен е патот – единствениот пат, Делчевиот пат!
Нека се излеат нови сили, сите сили во едно, за заедничката борба!
Македонка, Асеновград.