Двајца високи поранешни функционери од Македонија и Бугарија се меѓу кандидатите кои се натпреваруваат да станат иден заменик генерален секретар на НАТО.
Во НАТО веќе постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на Марк Руте кој од 2 Октомври ја презема функцијата генерален секретар, јавува Политико.
Дискусиите во седиштето на НАТО се фокусираат на две поранешни функционерки од Македонија и Бугарија, две балкански земји кои според погрешната анализа на Политико некогаш биле под советска контрола до крајот на Студената војна.
Имено за разлика од Бугарија која барала да биде 16 Советска република Македонија никогаш не била под директна команда на Москва.
Името на поранешната министерка за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска за оваа функција е често споменувано, според дипломат на НАТО и висок функционер на НАТО.
Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската унија. Земјата влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство, пишува порталот.
Шекеринска моментално е потпретседател на Партијата на европските социјалисти во Европа. Во интервјуто по целосната руска инвазија на Украина, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“.
„Напротив, првично големите членки на НАТО немаа посебен апетит за проширување“, рече таа, пренесува Политико за Шекеринска која одбила да коментира за кандидатурата.
Втората кандидатка е поранешната вицепремиерка и поранешна еврокомесарка на Бугарија, Марија Габриел.
Габриел доаѓа од ГЕРБ и важи за основачот на партијата Бојко Борисов.
Во Македонија остана запаметена кога како вкцепремиерка и шеф на бугарската дипломатија рече дека не е доволно Македонија само да го смени уставот за да падне бугарското вето.
,,Не се само уставните измени, туку и Договорот за добрососедство и двата Протокола. Ние имаме три заемно сврзани инструменти, кои се дел од таканаречниот компромис од јули 2022 година, Уште повеќе, пак, ние имаме и многу јасна позиција на Народното Собрание“, рече лани бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел, на прашањето – што се случува со преговарачкиот процес на Република Македонија за присоединување со ЕУ, дали земјата го почитува тоа што е побарано од неа, и каков е ставот на Бугарија? Габриел го даде одговорот на седница на собраниската комисија за прашања на Европската унија, Шенген зоната и еврозоната.