Непостоечката инфраструктура за дистрибуција на гас е главен проблем на Балканот и Бугарија активно работи за да се надмине ова, заклучиле министерката за енергетика на Бугарија Теменужка Петкова и министерот за економија на Македонија, Крешник Бектеши.
Главниот фокус за време на претседавањето на Софија во Советот на ЕУ од идната година ќе биде Западен Балкан, рече Петкова, која најави дека до крајот на овој месец ќе бидат објавени два тендери поврзани со изградба на гасоводот Грција-Бугарија.
Целта е во средината на следната година да започне изградбата на гасовод, кој во текот на втората половина на 2020 година би влегол во комерцијална употреба, најави Петкова.
Бугарија има склучено договор за испорака на 1 милијарда кубни метри гас од Азербејџан што ќе бидат испорачани во Бугарија токму преку врската со Грција. Бугарско-романскиот интерконектор веќе е активен, а активностите за изградба на бугарско-турскиот и бугарско-српскиот напредуваат.
Идниот центар за распределба на гас на чија реализација работи бугарската влада, ќе обезбеди платформа за тргување со природен гас и можност за либерализација на пазарот на „сино гориво“ во целиот регион, истакна Петкова.
„Нам ни е потребна уште една гасна врска со Бугарија, за да не зависиме само од еден извор“, рече македонскиот министер Бектеши кој потсети дека Македонија има проблем со недостаток на гасна инфраструктура.
Заедничката работна група која заседава во Софија, ќе ги истражува можностите за развој на нова врска меѓу гасните системи на двете земји.