Македонија ќе биде БЈРМ за Бугарија додека претседава со ЕУ!

И покрај тоа што прва ја призна Република Македонија, и тоа под уставното име, уште во 1992 година, наспроти и потпишаниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка во август мината година, Бугарија во првите шест месеци од годинава ќе му се обраќа на западниот сосед со референцата БЈРМ!

„Во Брисел за нас сте БЈРМ, а не Македонија“, изјавил постојаниот претставник на Бугарија во Европска унија, Димитар Цончев, објаснувајќи дека за време на претседавањето на неговата земја со Советот на ЕУ официјална Софија ќе го нарекува соседот Бивша Југословенска Република Македонија.

Иако односите меѓу двете земји се подобруваат, а владите одржуваат заеднички седници, амбасадорот Цанчев појаснува дека Бугарија е обврзана да го употребува привременото име на Македонија додека претседава со ЕУ, освен ако Скопје и Атина дотогаш не најдат заемно прифатливо решение на долгогодишниот спор за името на македонската држава.

Ваквиот став на источниот сосед на Македонија на мултилатерален план не е новина, бидејќи и на неодамнешната средба на лидерите на Србија, Грција, Бугарија и Романија во Белград бугарскиот премиер Бојко Борисов не го изусти спорниот термин за Грција, наместо него велејќи само Скопје.

Од друга страна, позната е и праксата на Турција, која во сите документи на НАТО каде што се спомнува Македонија инсистира на фуснота во која се вели дека „Турција ја признава државата како Република Македонија“.

Бугарските државни функционери, кои, на чело со Борисов, насекаде се обидуваат да се претстават како промотори и застапници за брзо евроатлантско интегрирање на Македонија, досега немаат споменато ваква варијанта.