Македонија ја „здроби“ Полска на гости и се врати во игра за Евробаскетот

По несреќниот пораз од 74:69 против Естонија во петокот во Скопје пред сè поради повредата на Ненад Димитриевиќ кога се кршеше резултатот, Македонија токму на крилјата на кошаркарот на Уникс Казан ја декласира Полска со 96:71 во Сосновјец и се врати во игра за пласман на Европското првенство во 2025 година.

Соорганизаторот на 42. Евробаскет заедно со Финска, Летонија и Кипар водеше со 14:8 на средина од првата четвртина, но тоа беше сè што стори против разиграниот состав на Александар Јончевски, кој го доби овој период со 25:16. Во вториот беше нерешено 22:22, а преостанатите два им припаднаа на гостите со убедливи 22:12 и 27:21.

Димитриевиќ беше играч на натпреварот со 32 поена (8/13 за два) и по 8 скока и асистенции, а Американецот со македонски пасош Итан Хaп додаде 19 поени (8/11 за два), 7 скока и по 5 асистенции и украдени топки. Двоцифрен ефект во нападот остварија и Стојан Ѓуроски (17 поени), Андреј Маслинко (10 поени) и Адем Мекиќ (10 скока).

Естонија во другиот меч од групата Х првпат во историјата ја совлада Литванија (65:59) и води со 4 бода, пред Македонија и Литванија со по 3, а Полска е без бодови. Од оваа група место на ЕП ќе има за двете првопласирани селекции, плус автоматскиот учесник Полска.

Квалификациите продолжуваат на 21 ноември со средбите Македонија – Литванија и Полска – Естонија.