Женската ракометна репрезентација на Македонија одигра нерешено 25:25 со дебитантот Турција во Дебрецин во второто коло на Европското првенство во Унгарија, Австрија и Швајцарија, со што ги сведе на теорија шансите за пласман во следната фаза.

Првиот бод за „црвено-жолтите“ на еврошампионатите по 2008 година, кога како домаќини го постигнаа најголемиот успех со освојување на седмото место, тешко дека ќе донесе пробив понатаму на турнирот со оглед на тоа дека во последното коло од групата в понеделник од 18 часот ќе му излезат на мегдан на соорганизаторот Унгарија.

Турчинките имаа предност во три четвртини од средбата, во првото полувреме и со пет гола (11:6), за македонките да го искористат 12-минутниот пост на противникот во второто за да се вратат во игра, па дури и да пиведат со 22:20.

На крајот, сепак, избраничките на селекторот Кристијан Грчевски, една од двете најмлади селекции на шампионатот заедно со Фарски Острови, се спасуваа од пораз со прецизно изведениот седмерец од Јована Кипријановска во 59. минута.

Најдобрата македонска ракометарка Сара Ристовска беше најдобар поединец на мечот со 8 гола од 10 удари, пикерот Ивана Џатевска погоди од сите четири обиди, а Кипријановска заврши со ефект 4/8.