Македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски и потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, денеска во Брисел потпишаа договор за партнерство меѓу Македонија и Европската унија во безбедноста и во одбраната.

„Со гордост објавувам дека ние сме првата земја во регионот што го потпиша Партнерството за безбедност и одбрана со Европската унија. Денеска во Брисел имав голема чест да го потпишам овој значаен договор со високиот претставник Жозеп Борел, што означува клучна пресвртница во нашата соработка со ЕУ.

На заедничката прес-конференција истакнав дека ова партнерство е витален чекор кон посилна, пообединета Европа, подготвена да одговори на денешните предизвици. Остануваме посветени на продлабочување на ова партнерство и унапредување на заедничките цели за мир, безбедност и соработка“, изјави Муцунски.