Македонија не може сама да предложи влез на Косово во УНЕСКО

Република Македонија не може сама да предложи член со кој може да се изгласа Косово да стане членка на агенцијата на ОН за образование, наука и култура – УНЕСКО.

За да може некоја земја да предложи член на дневниот ред со кој ќе се гласа за прием на нови членки треба да биде член на Извршниот комитет (Executive Board) на агенцијата, позиција која што Македонија ја нема.

Теоретски Македонија може да предложи член што од предходно не е договорен да биде на дневен ред иако не е член на ИК, но за тоа треба да има и доволен број земји од членките кои што ќе и бидат ко – спонзори.

Во ИК на УНЕСКО има 60 држави од кои само 12 се од Европа, а меѓу нив се и Србија и Русија.

Покрај Велика Британија, Германија, Шпанија, Франција  и Холандија членови на ИК се и Естонија, Украина и Литванија но овие земји поради големото руско малцинство во нивните земји иако го признаа Косово согласно ставовите на ЕУ се многу внимателни кога се работи за гласање за прием на нови членки во институциите на ОН  кога тие својата независност ја добиле по пат на војна или конфликт.

Членка на ИК на УНЕСКО е и Грција која што сеуште се противи на позициите на ЕУ и не го признала Косово а на последното гласање била против приемот на Приштина. Иако Атина во Приштина има отворено своја трговска канцеларија преку која ги спроведува сите свои политички и економски интереси во меѓународните организации остро се спротивставува на интеграцијата на новата балканската држава во меѓународниот поредок.

Членки на ИК на Унеско се и САД и Абанија која што во ова тело е од 2012 година а мандатот и истекува во декември оваа година. Албанија од својот влез во ИК на УНЕСКо се обидува да добие прием на Косово но нејзиниот обид во 2015 година заврши со неуспех откако немаше доволен број на земји кои што сакаат влез на Приштина во оваа организација.

По гласањето во ноември 2015 година на Албанија и е сугерирано да запре со своето лобирање а на Косово му се препорачува да собере доволен број земји кои што го поддржуваат пред да поднесе нова кандидатура.

Прв човек на ова тело во последните два мандати е Бугарката Ирина Бокова која што постојано одбива да го прими амбасадорот на Косово во Париз и е против приемот на Приштина во УНЕСКО пред да се реши спорот Белград – Приштина.

Според информациите од Приштина и оваа година Косово најверојатно нема да бара прием затоа што официјално сеуште нема влада и собрание кое што треба да усвои два важни закони поврзани со работата на УНЕСКО но реално причините лежат во тоа што нема доволно земји кои би гласале за прием.

Причините зошто САД како спонзор на Косово не застане отворено зад кандидатурата на Приштина лежат во опасноста да се соочи со дипломатски пораз затоа што обидите на САД ќе бидат дочекани од контра удар од Русија која што исто така е член на ИК.

Слично сценарио се очекува и доколку Македонија се обиде да предложи  да го протурка Косово во УНЕСКО, во таков случај Србија ќе ја има сета дипломатска поддршка од Москва за блокирање на оваа инцијатива за која се шпекулира во медиумите и во дипломатските кругови.

Според структурата на ИК на УНЕСКО каде што има многу земји кои што не се под влијание на ЕУ и најсилните земји во западната Алијанса речиси невозможно е и новиот обид за внес на Косово во агенцијата на ОН да биде успешен. Според проценките на косовските аналитичари, на Приштина  и недостасуваат десетина гласови за да стане член на УНЕСКО.

УНЕСКО е специјализирана агенција на ОН и членстото во неа за Косово ќе значи практично влез во Светската Организација. Формирана е во 1945 година а седиштето и е во Париз. Има вкупно 195 земји – членки.

Посебен проблем за Македонија во спроведување на сценариото за предлагање член за прием на Косово во УНЕСКО е тоа што во Франција немаме амбасадор по враќањето на Агрон Буџаку кој беше повлечен од таму во декември 2015 година.

Македонија веќе 20 месеци нема свој амбасадор во членка на Советот за безбедност на ОН и со тоа уште потешко е да се очекува дека земјата може да излобира ко-спонзорство за прием на Косово во УНЕСКО, процес кој длабоко ги подели и ЕУ и глобалната меѓународна заедница.