Машката одбојкарска репрезентација на Македонија, ослабена со неиграњето на Александар Љафтов, беше на прагот на победа над домаќинот Белгија во Беверен, но ни водството од 11-7 во петтиот сет и двете меч-топки не ѝ беа доволни за да го добие маратонот од 138 минути во четвртото коло од Европската златна лига.

Белгијците буквално се провлекоа низ иглени уши за победата од 3:2, по сетови 25-22, 22-25, 25-17, 24-26 и 17-15, а единствената утеха за избраниците на селекторот Хари Наковски е освоениот бод, со кој имаат четири за зацврстување на десеттото место меѓу 12 селекции по вториот турнир.

На „црвено-жолтите“ во ова натпреварување, кое претставува увертира за августовскиот старт на квалификациите за Европското првенство, им преостанува уште турнирот во Осиек, каде што на 30 мај ќе ги одмерат силите со домаќинот Хрватска, а ден потоа и со Шпанија.