Во контекст на кавгата за границите меѓу Словенија и Хрватска, како и меѓу Црна Гора и Косово, хрватскиот весник „Јутарњи лист“ пишува дека Македонија е единствената држава на просторите на поранешна Југославија без гранични спорови со соседите.
„Македонија е единствената држава на просторот на бивша Југославија што со соседите нема ниту едно отворено гранично прашање. Значи, тоа е единствената држава што точно знае каде ѝ се границите, а тоа да не го оспорува ниту еден нејзин сосед. Далеку од тоа дека Македонија нема проблеми во односите со соседите, можеби ги има дури и повеќе од сите други, но тие не се поврзани со одредување на државната граница. Македонија има проблем со Грција околу името и тоа ја чинеше членство во НАТО и отворање преговори за членство во ЕУ. Со Србија, пак има проблем околу статусот на православната црква, со Бугарија околу идентитетот и јазикот, а со Албанија нема отворени спорови, но постојано се провлекува прашањето за плеткањето на таа држава во внатрешните политички работи на Македонија преку големата етничка заедница на Албанците. Македонија и со Косово одамна го реши прашањето за разграничување, бидејќи Косово беше принудено да ја прифати спогодбата што пред неговата независност ја постигнаа Македонија и Србија како цена за меѓународната поддршка за независноста и за македонско признавање. Ако ја изземеме, значи Македонија, може да се каже дека сите други држави од бивша Југославија имаат отворени гранични прашања со соседите, но исклучиво со оние што некогаш биле составен дел на некогашната држава“, пишува „Јутарњи лист“.
Словенија го одблокира зачленувањето на Хрватска во Европска унија по нејзиното прифаќање на арбитража за границата, но откако влегоа, Хрватите сега не ја прифаќаат ниту ја применуваат арбитражната одлука откако се откри дека словенечките дипломати нелегално влијаеле на арбитрите. Парламентот на Косово, пак, веќе долго време одбива да ја ратификува спогодбата за границата со Црна Гора поради, наводното, губење 8.000 хектари земја, иако договорот е услов од ЕУ за укинување на визите за косовските државјани.