Според условите за водење бизнис, Македонија се најде на 63. место меѓу 153 земји во светот на листата на американскиот магазин „Форбс“ за 2017 година, што е зачудувачка разлика во однос на 11. позиција меѓу 190 држави според „Дуинг бизнис“ на Светска банка.
Освен во три параметри, во кои стагнира, Македонија бележи назадување во пет критериуми што неделникот за бизнис ги зема предвид при рангирањето. Македонија најдобро стои во заштитата на инвеститорите, каде што е четврта, а најлошо во сопственичките права (91., пад). Според бирократските процедури е 21. (пад), според даночното оптоварување 29. (пад), според слободата на тргување 47., според според монетарната слобода 57. (пад), според личната слобода 83. и според корупцијата 79. (пад).
Од земјите во опкружувањето пред Македонија се Словенија (32.), Унгарија (42.), Романија (43.), Грција (44.), Бугарија (46.), Хрватска (51.) и Турција (56.), а послабо рангирани се Црна Гора (68.), Србија (69.), Албанија (71.) и Босна и Херцеговина (97.).
Велика Британија е најдобра држава за водење бизнис во 2017 година според „Форбс“. Втор е Нов Зеланд, трета Холандија, а во топ 10 се уште Шведска, Канада, Хонгконг, Данска, Ирска, Сингапур и Швајцарија по тој редослед.
Најлоша земја за водење бизнис меѓу 153. опфатени со истражувањето е Чад.