Владата на барање на Министерството за здравство донесе препораки за новиот топлотен бран што ја зафати државата на почетокот на неделава, по информации добиени од Институтот за јавно здравје и Управата за хидрометеоролошки работи.

Во препораките за намалување на ризиците од високите температури одобрени од Владата, предвидено е ослободување од работни обврски на најчувствителните категории на населението, и тоа бремените жени и лицата над 60 години, од 12.08.2024 до 14.08.2024 година.

Во истиот период, работодавачите треба да ги реорганизираат работните активности за градежните работници и работниците кои работат на отворени простори, со цел да се избегнат градежните работи и другите работни активности на отворени простори во периодот од 11 до 17 часот.

Владата препорачува и во установите за згрижување деца (градинки) да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата надвор од 11 до 17 часот.

Истовремено, помош за старите лица, инвалидите и бездомниците треба да пружат и единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјална работа во регионите погодени од топлотниот бран.

Во соопштението на владината прес-служба се додава дека со оглед на фактот дека некои производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, Владата ги потсетува работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област. .

Од Управата за хидрометеоролошки работи однапред информираа дека до крајот на неделава ќе имаме претежно сончево и многу топло време.

Топлото време е под влијание на многу топла воздушна маса од југ, а особено топло ќе биде до среда кога дневната температура на места ќе надмине 40 Целзиусови степени, а на места ќе се активира портокаловото ниво за ризикот од високи температури.

И покрај високите температури од среда до петок во попладневните и вечерните часови ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на невреме од дожд интензивен пороен дожд, засилен ветер и град.