Откако се појави пред хрватскиот суд во Загреб и таму го бранеше менаџерот Здравко Мамиќ, фудбалерот на Реал Мадрид се најде под остра опсервација на јавноста која му забележуваше за менување на исказите дадени пред обвинителството во Осијек. И додека навивачите јавно се откажуваа од него и го навредуваа, не беше ни страшно, но денеска Лука Модриќ доби известување дека општинското јавно обвинителство во Осијек започнало истрага за лажно сведочење.
Обвинителството го сомничи Лука за менување на исказот даден во 2015. година и за прекршување на неколку точки од кривичниот законик на Хрватска. Модриќ инаку прво рекол дека Мамиќ не требало да земе пари од неговиот трансфер, а потоа минатата недела во судот изјави дека не бил добро разбран и дека тој имал договор со менаџерот да му префрли поголем дел од средствата на неговата приватна сметка. Хрватската држава смета дека само од трансферот на Модриќ од Динамо Загреб во Тотенхем во 2008. година е оштетен за 15 милиони евра.