Лондонската полиција уапси група поврзана со терористичките напади

Британската полиција денеска соопшти дека уапсила група од 12 лица во Баркинг, источен Лондон, за кои се верува дека биле поврзани со тројцата напаѓачи од синоќешниот терористички напад на Лондонскиот мост и во околните ресторани и пабови, во кој настрадаа најмалку седум лица.
Фуркан Нави, кој живеел во станбениот блок во Баркинг, во кој утрово упаднала полицијата, изјавил дека го препознал својот сосед меѓу еден од тројцата напаѓачи што ги застрелала полицијата.
– Тој живееше тука со сопругата и со двете деца некои три години. Изгледаше прилично пријателски настроен, но не го познавав – изјави Нави.
Друг сосед изјави дека го видел напаѓачот пред два дена. Според него, тој имал дваесеттина години и сакал да си игра со деца.
Во меѓувреме, полицијата излезе со соопштение за терористичкиот напад.
– Во 23:08 часот, во саботата, на 3 јуни, примивме дојава дека бело комби удрило во пешаци на Лондонскиот мост. Комбето потоа стигнало до пазарот Бороу, каде што тројца мажи излегле од возилото и избоделе поголем број луѓе. Осомничените носеле нешто за што потоа утврдивме дека се лажни самоубиствени појаси. Вооружени полицајци се судрија со осомничените, кои беа застрелани и убиени на пазарот Бороу. Седум лица настрадаа, како и тројцата напаѓачи, кои беа убиени од полицијата. Уште 48 лица се пренесени во болница, а некои од нив се со сериозни повреди, опасни по живот – се вели во соопштението на полицијата, во кое се додава и дека меѓу ранетите има најмалку двајца полицајци, пренесува Нова Македонија.