Дарио Ивановски постави нов личен рекорд на 1.500 метри во сала на Светското атлетско првенство во Бирмингем, каде што го освои 17. место меѓу 22 пријавени натпреварувачи, од кои 19 остварија пласман во квалификациите.
Единствениот македонски претставник на мундијалот на затворено во Велика Британија забележа време од 3:51,83 минути, подобро за 76 стотинки од својот досега најдобар резултат во оваа дисциплина остварен на 27 јануари во Софија.
Тој заврши шести во првата од трите квалификациски групи, оставајќи го зад себе Деј Туах Деј од Јужен Судан, а Мохамед Исмаил Мохамед од Сомалија не ја заврши трката. Послабо време од Ивановски имаше и Михаил Солошенко од Киргистан од третата група.
Најбрз во квалификациите беше Абделаати Игидер од Мароко со 3:40,13 минути.
Државниот рекорд на Македонија од 3:51,13 минути е сопственост на Ване Стојанов, поставен во 1997 година.