Латинска Америка се моли за здравјето на папата Франциско

 

Луѓе ширум Латинска Америка се молат за папата Франциско, првиот водач на Католичката црква кој доаѓа од овој регион, откако Ватикан објави дека понтифот е во критична состојба во болница во Рим.

Католиците од Мексико до Аргентина и од Пацификот до брегот на Атлантикот присуствуваа на миси, запалија свеќи и индивидуално се молеа за закрепнување на папата.

Се молиме за него со доверба во Бога и со радост се молиме за неговото здравје“, изјави аргентинскиот свештеник Адријан Бенардинс.

Тој го пофали Франциско дека ја направи глобалната католичка црква „поблиска, поедноставна, братска, не оставајќи никого зад себе“.

Франциско стана папа во 2013 година.

Тој ја започна својата кариера како језуитски свештеник во Аргентина, а подоцна служеше како надбискуп на Буенос Аирес и кардинал.

На почетокот на оваа недела, Аргентина упати национален повик до сите да се молат за папата.

Здравјето на папата Франциско се влошило во последните 24 часа, соопшти Ватикан, додавајќи дека тој претрпел „продолжена респираторна криза слична на астма“ и дека примил трансфузија на крв.

„Светиот Отец е свесен и го помина денот во фотелјата, иако е полош од вчера. Во овој момент прогнозата останува неизвесна“, соопшти Ватикан.

Франциско беше примен во римската болница Гемели на 14 февруари по неколкудневни проблеми со дишењето каде му била констатирана билатерална пневмонија.