Кучката Цеца и корумпирани затворски полицајци се дел од актерите во новиот скандал кој изби на површина откако директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов најави расчистување на криминал во штипскиот затвор.
Во скандалот што се случил во КПД „Штип“ затворски полицајци му помагале на затвореник да си ја најде дрогата при што лажеле дека барале часовник кој наводно му го зела кучката Цеца.
Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов на прес-конференција во Владата, откри дека на 20-ти февруари пред затворот дошло едно возило кое од страна на затворскиот полицаец не е заведено. Возилото дошло до затворот и едно лице од возилото фрлило пратка со дрога преку затворскиот ѕид во чија потрага подоцна се вклучиле затворски полицајци.
,,На видеото кое ќе виде испратено преку мејл, ќе видите дека од возилото излегува едно лице кое што доаѓа до ѕидот на затворот и преку ѕидот префрлува топка. На тревникот во затворот се појавувааат затвореници со иницијали Ж.Ж. и уште затвореник со инцијали Р.К. Двајцата бараат нешто низ тревникот. Се појавува затворски полицаец кој им вели дека не треба да се наоѓаат во тој дел од затворот во тој момент. По наредба на командирот, се повикани уште четворица затворски полицајци. Ж.Ж и понатаму говори на телефон и бара на тревникот и се поздравува со полицајците. Истите тие затворски полијаци се вклучуваат во потрагата на нештото по тревникот од затворот”, истакна Пандов.
Пратката со дрога која не можеле да ја најдат полицајците соработници на дилерите содржела 35 грама кокаин и околу 50 грама марихуана.
,,Кога директорот ги прашува лицата што барале, објаснувањата е дека затвореникот Ж.Ж. си играл со кучката Цеца во затворот и дека имал скап часовник кој што не го пријавил кога е донесен во затворот. Рекол дека кучката му го земала часовникот и побегнала по тревата и лицата му помогнале за да го побараат. По наредба на директорот формирана е Дисциплинска комисија. Одлучено е дека тројца од полицајците иако треба да бидат казнети, но за жал, не пронаоѓаат вина и веруваат дека они го барале часовникот. Тројца членови на Дисциплинската комисија гласале дека не се виновни полицајците”, вели Пандов кој очекува адекватна санкција за сите инволвирани.
МВР веќе ги идентификувала лицата кои го возеле возилото и ја префрлиле топката со дрогата во затворот за што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.