Курц е нов лидер на австриските „Народњаци“

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц е избран во неделата за нов претседател на Австриската народна партија (OeVP) и веднаш најави дека на коалицискиот партнер Социјалдемократската партија на Австрија (SPOe) ќе ѝ предложи распишување предвремени парламентарни избори оваа есен на коишто големи шанси за победа ѝ се припишуваат на десната суверенистичка Слободарска партијана Австрија (FPOe).

„Сите во претседателството на партијата бевме единствени во оцената дека вака повеќе не оди натаму. Не станува збор само за тоа да се променат луѓето во партискиот врв, туку и самата партија мора да се промени“, изјави Себастијан Курц по средбата на претседателството на Австриската народна партија (OeVP), на којашто неговиот избор мина едногласно.

Шефот на австриската дипломатија претходно гои постави условите под коишто ќе го преземе водството на ослабената партија, во што спаѓа и самостојната кадровска политика, како и одлуката за распишување предвремени парламентарни избори.

Курц најави дека на актуелниот коалициски партнер Социјалдемократската партија на Австрија (SPOe) ќе ѝ предложи следните денови распуштање на парламентот и распишување предвремени избори. Социјалдемократскиот канцелар Кристијан Керн претходно во неделата за јавниот телевизиски сервис ORF изјави дека „смета на нови избори“.

Курц го повтори својот став од петокот дека смета оти продолжувањето на сегашната коалиција би значело и продолжување на несогласувањата во владата. Поради тие несогласувања со коалицискиот партнер и недоволната поддршка од сопствената партија досегашниот претседател и вицеканцелар Рејнхолд Митерлехнер во вторникот поднесе оставка..

Триесетгодишниот Курц најави дека на изборите ќе излезе со сопствено листа наречена „Листа Себастијан Курц“ – Нова народна партија“.

Во последните испитувања на јавното мнение OeVP се наоѓа зад SPOe и FPOe, но тоа може да се промени откако партијата ја презема Курц кој меѓу избирачите важи за најпопуларниот политичар.

Според процените на коментаторите најмногу полза од распадот на владејачката коалиција би имала десницата од FPOe, а можно е и нивниот претседател Хајнц-Кристијан Страхе да стане нов австриски канцелар.