Со три натпревари помалку од конкурентите пред себе, македонскиот капитен Филип Кузмановски заврши на петтото место на листата на стрелците на 29. Светско првенство за ракометари во Хрватска, Данска и Норвешка.

Бекот на „црвено-жолтите“ на шест средби постигна вкупно 49 гола, а најдобар стрелец на мундијалот е неговиот најдобар играч Матијас Гидсел од Данска со 74 погодоци, но со идентични 69 проценти реализација како лидерот на Македонија на првенството.

Второто место го поделија Франсиско Кошта од Португалија и Дика Мем од Франција со по 54 гола, а пред Кузмановски е само уште Данецот Симон Питлик со 50.

Играчот на Еурофарм Пелистер е петти и во категоријата голови плус асистенции со збир 67 (49+18), во која исто така на врвот е Гидсел со 119 (74+65), пред Питлик со 80 (50+30), Кошта со 76 (54+22) и Мем со 69 (54+15).