Канадскиот бизнисмен со македонско потекло Крис Павловски, основач и сопственик на „Рамбл“ и член на Одборот на директори на „Македонија 2025“, од родната земја на своите родители порача дека сака да ѝ помогне на државата што ја обожава за да напредува.
„Моите родители се од тука, мојот татко е од Преспа, мојата мајка е од Мариово, двајцата потекнуваат од села од овие области и имам голам поврзаност со оваа држава. Ја обожавам оваа држава, ја сакам Македонија и сакам да направам сè за да ѝ помогнам да напредува, да донесам колку што можам повеќе знаење. Дури и инвестирав во компании тука во 2011 година, вработивме многу луѓе, дури и ‘Рамбл’ има многу луѓе тука. Секогаш мислам на Македонија и на начините како да помогнам. Актуелниот премиер е одличен домаќин, прифаќа идеи и тие односи ги развиваме изминатите години. Тој е одлична личност“, изјави за Сител ТВ блискиот соработник на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Јас сум Канаѓанец, не сум Американец, тоа е првата точка. Верувам дека дијаспората може да направи многу повеќе за да ѝ помогне на Македонија. Имаме навистина многу успешни бизнисмени низ светот, во Австралија, Канада, САД. Мислам дека многумина од нив можат да дојдат тука и да инвестираат, да дојдат и да помогнат, тоа е мојата филозофија. Јас го направив тоа и ќе продолжам да го правам, ќе направам и многу повеќе. Имам многу ресурси, голем бизнис во САД. Мислам дека повеќе Македонци треба да го следат ова и да направат многу повеќе за Македонија. Тоа ќе биде одлично за државата, за луѓето. Јас лично многу се грижам за тоа и знам многу Македонци што доаѓаат во текот на летото да ги посетат своите родни места и роднините. Мислам дека може да биде повеќе од само туризам, можеме да инвестираме повеќе во инфраструктурата, во бизниси. Како Македонец, сакам повеќе од себе, сакам повеќе од дијаспората и се согласувам со тоа. Планирам да го правам тоа. Тоа е нешто за кое страсно се грижам. Мислам дека не правиме доволно и сакам да направам повеќе. Јас сум на страна на Македонците – ако очекуваат повеќе, сакам да направам повеќе“, додаде еден од најбогатите и највлијателни македонски бизнисмени во светот.