Криминал, суд, притвор, затвор и кривични пријави се најчестите зборови кои што ги користат пратениците во денешната дебата во Собранието која до полноќ мора да донесе нова влада.
Сакам да го видам Груевски во затвор, но повеќе сакам судот да го прогласи неговото владеење за криминално, рече пратеникот на СДСМ, Павле Богоевски, кој на собраниската говорница се појави со логото на Шарената револуција.
– Новата Влада ќе гради Македонија каде што нема да има ваши и наши, вмровци, соросоиди и комуњари.Ми пречи вашиот криминал, вашите лоши политики, уништените здравство, младите, медиуми, но најмногу ме боли што го присвоивите нашиот, мојот македонски идентитет, го изедначивте со ВМРО-ДПМНЕ, ме боли што луѓе завиткани во македонско знаме влегоа да убиваат пратеници кои ги избрал тој народ – рече пратеникот.
Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ му реплицираше на Богоевски дека ВМРО е константа, која никогаш нема крај а неговиот сопартиец Зоран Илиоски на денешната собраниска седница истакна дека за една влада да биде реформска мора да биде предводена од човек кој има авторитет, кредибилитет и поддршка од народот.

-Дури и обидот да се престави оваа влада како реформска според мене е очаен обид. За да една влдата добие легитимитет дека е реформска треба пред се да биде предводена од човек кој што има авторитет, кредибилитет, да има поддршка од народот на избори и пред се да важи за човек кој што во својот живот е чесен и работлив. За господниот Зоран Заев тешко ќе може да најдеме зборови кои што ќе ги оправдаат овие каректеристики, имено за авторитет и кредибилитет, треба да биде човек кој што се држи за својот збор, човек кој што еднаш ќе каже нешто и ќе остане на тоа, истакна Илиоски.
Тој додаде дека Зоран Заев неколку пати ги менува своите ставови и изјави во однос на Тиранската Платформа која што еднаш беше прифатена па потоа отфрлена.
-Прв пат во историјата на Република Македонија се бара мандатарот да потпише гаранции дека ќе ги брани унитарноста, државните интереси и така натаму. Работа и документ кој според мое мислење ќе биде голем терет за оваа влада, бидејќи нормално ќе треба да се држи до овој документ и тоа да го почитува. Искрено поскаувам тоа да биде почитувано. Исто така кога сме веќе кај карактеристиките и доблестите на мандатарот би сакал да напоменам дека нашиот иден премиер на својата глава има две помилувања и судснка постапка, додаде тој.
Илиоски потенцираше дека на крајот мандатарот Заев ги изгуби последните парламнетарни избори и нема доверба од мнозинстово граѓани во Република Макеоднија и додаде дека таа тежина оваа влада ќе мора да ја поднесе.
.