Кривична за тројца кои до смрт претепаа бездомно куче

Крвничкото претепување на бездомното куче се случи во ноември во кругот на фирма во индустриската зона Момин Поток во ноември, објави „А1он“.

Случајот со кучето, кое подоцна го доби името Феликс, ја згрози јавноста откако се појави вознемирувачка снимка на која се гледа како вработен во фирмата брутално го претепува кучето со метална шипка.

Феликс, месец и половина по ужасниот инцидент, угина во стационарот на скопското јавно претпријатие „Лајка“.

Од МВР за „А1он“ информираа дека кривичната пријава е поднесена за кривичното дело „мачење животни“, казниво според членот 233 од Кривичниот законик, за кое е предвидена парична или казна затвор во траење до шест месеци.

„СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава со КУ број 7367 против Љ.К.(61), Б.Б.(64) и З.Д.(74), сите од Скопје. За сите дополнителни информации може да се обратите до надлежното ОЈО Скопје, во чија надлежност за постапување е горенаведената кривична пријава“, велат од МВР.

Обвинителството засега не открива во кој стадиум е постапката околу кривичната пријава.