Среда ден е за риба во православните домови и затоа за денешниот ручек ви препорачуваме стар прилепски рецепт од ризницата на старите македонски јадења, кои брзо и лесно се подготвуваат, а се лесни и многу вкусни.
Состојки:
-1 крап (од 1 до 2 килограма)
-10 главици кромид (ситно издробен)
-1 зелена пиперка (ситно сечкана)
-2 домати (излупени, ситно исечкани)
-1 мал филџан ориз
-1 лажица мешан сув зачин
-1 лажичка црвен пипер
– сол, масло, црн пипер
– лук, лимон
– ловоров лист
Крапот се чисти убаво, се мие, се засекува на горниот дел и во засечените вдлабнатини се става исчистен лук.
На сечканиот кромид му се става масло, малку вода, се посолува и почнува да се пржи, се додава пиперката, доматот, се зачинува со мешан сув зачин, црн пипер, се става оризот и се пржи на тивко мешајќи.
На крајот од ова запржување кое се прави колку да омекне зеленчукот, се става црвен пипер, па се додава вода колку да биде течна смесата од зеленчуци и ориз, и сето ова внимателно се префрла во тава или плех од шпоретот.
На средината се става спремниот крап кој одозгора се полева со 2-3 лажици масло и сето се става во загреана рерна на 250 степени, а штом ќе почне да крчка зајрето, се намалува на 200 степени и се пече околу 1 час или повеќе, зависно кога крапот ќе биде веќе испечен, но сето тоа зависи и од рерната.
Испечен, крапот на ориз се декорира со лимон и се јаде.