Односите Скопје – Софија одат во нагорна линија, а денешната посета на македонската делегација предводена од премиерот Заев дава надеж дека не мора да биде се така црно меѓу двете блиски држави и двата блиски народи.
Сепак пријателските дипломатски пораки од Софија се една работа а реалната политика е сосема друга. Борисов и Заев денеска не ги решија ниту ги ставија под тепих отворените прашања за чие решавање ќе мора да паднат политички жртви.
Двајцата премиери најавија дека се блиску до договор за добрососедство и тоа е добар знак но и двајцата знаат дека еден од нив ќе мора да плати висока политичка цена за потписот на него.
Доколку Борисов се солгаси на барањето на македонската страна договорот да биде потпишан на Македонски и Бугарски јазик тогаш бугарскиот премиер ќе загуби дел од своето гласачко тело кое што по ниедна цена нема да прифати Бугарија да ги признае Македонците како засебна од бугарската нација.
Дури во опасност може да ја доведе и владата во Софија затоа што вицепремиерот Каракачанов целата своја политичка кариера ја базира на непризнавање на македонската нација а без него Борисов ќе нема мнозинство во собранието.
Ако на изјавата на премиерот Борисов, кој навести можност за решавање на т.н.. “јазичен спор” помеѓу Бугарија и Македонија се гледа со оптимизам тогаш конечно по 26 години Бугарија е подготвена да се откаже од своите сништа за „најромантичниот дел од бугарската држава“.
Но ако се гледа реално тогаш Борисов на Заев и на сите нас ни најави дека повторно ќе се бара решение слично на она што беше измислено во 1999 година кога „Декларацијата за пријателство и соработка“ меѓу двете земји содржеше член според кој документот е потпишан на „официјалниот јазик на државата Република Македонија“.
Ова решение е дел од бугарската доктрина кон Македонија според која земјава има право да го користи македонскиот јазик како уставна категорија но само во внатрешни рамки. На меѓународен план за Софија ние говориме на „дијалект на блгарскиот јазик“ затоа што во суштина според нив се работи за една нација поделена во две држави.
Ова бреме кое на свои плеќи го носи бугарскиот премиер не дава надеж дека наскоро оптмимизмот ќе стане реалност и од Илинден ќе ги затвориме сите отворени прашања со Софија, а Бугарија ќе ни стане вистинска братска нација.
Второто прашање за кое што двете страни денеска во Софија не проговорија за што најверојатно така е договорно пред средбата за да не се будат заспаните духови во двете земји, е прашањето за националните малцинства.
Заев мора да најде решение како да не се откаже од Македонците во Бугарија а да не се согласи со ставот на Софија дека такво нешто кај нив нема. Во спротива со право ќе биде обвинет дека ги продава националните интереси на Македонците во соседните земји како што тоа се случи во 1995 година кога владата на тогашната СДСМ го смени уставот и се откаже од членот со кој РМ се грижеше за својата дијаспора во соседните држави.
Задачата на Заев е потешка од онаа на Борисов затоа што на Софија како и на Грција не и се брза. Како членки на НАТО и ЕУ двете земји и влади не мораат да прифатат решение кое што не им одговара. Наспротив нив е Заев и шефот на дипломатијата Димитров за да ја внесат земјата во ЕУ и НАТО ќе мораат да направат „разумни компромиси“ кои што ќе бидат оценети како национално предавство од голем процент од македонските граѓани.
Што порачаа денеска Борисов и Заев во Софија читај тука