Кој сè покрај Македонија и колку руски дипломати протера, а кој не

Македонија се најде меѓу 23 земји, од кои 17 членки на Европска унија, кои денеска ги поддржаа обвинувањата на Велика Британија за вмешаност на Русија во труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал со невропаралитичка супстанција „новичок“, поради што најавија протерување руски дипломати.

Најагресивни мерки презедоа САД, кои решија да испратат дома 48 вработени во руската дипломатска мисија и уште 12 Руси вработени во Мисијата на Обединети нации и да го затворат рускиот конзулат во Сиетл.


„Тоа беше координирано дејство. Претседателот Трамп разговараше за ова со многу странски лидери, со нашите европски сојузници, повикувајќи ги да се приклучат на САД во објавувањето вакви мерки“, изјави заменик-портпаролот на Белата куќа, Раџ Шах.

Веднаш зад Американците се Британците со 23 протерани руски дипломати, а трета Украина со 13.

Следуваат Франција, Полска, Германија и Канада со по четворица.

По тројца ќе испратат Чешка и Литванија, од која двајцата протерани се воени аташеа, а по двајца дипломати на Русија ќе треба да ги напуштат Данска, Италија, Холандија и Албанија.

Покрај Македонија, по еден руски дипломат решија да протераат Шпанија, Естонија (воено аташе), Летонија (плус вработен во „Аерофлот“), Финска, Романија, Хрватска, Шведска, Унгарија и Норвешка, а Исланд привремено ги прекина дипломатските односи со Москва.

На другата страна, меѓу тие што јавно потврдија дека (до) денеска не донеле одлука за ваков дипломатски чекор во односите со Русија (а некои од нив немаат ни намера да донесат такво решение) се најдоа: Грција, Бугарија, Словенија, Португалија, Кипар, Србија, Турција итн.