По сумирање на резултатите од првиот круг на локалните избори, партиите почнуваат да се подготвуваат за финална битка за гласачи во 35 општини за вториот изборен круг што ќе се одржи на 29 октомври.

Најнеизвесно е во албанскиот блок каде во првиот круг изборите завршија само во две општини– во Кичево и Пласница. Но, затоа ДУИ и Алијансата за Албанците ќе се натпреваруваат во пет општини, ДУИ и БЕСА ќе се борат во седум, за една општина ќе се борат ДПА и БЕСА, како и ДУИ и СДСМ кои инаку се подржуваат.


Главната „блиска средба“ ќе ја имаат СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во дури 19 општини, СДСМ и Сојузот на Ромите во една и во една општина кандидат на група избирачи против кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.

Втор круг ќе има во Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Чаир, Сарај, Шуто Оризари, Гостивар, Градско, Врапиште, Дебар, Боговиње, Брвеница,Демир Капија, Виница, Пробиштип, Росоман, Долнени, Желино, Зрновци, Јегоновце, Кавадарци, Карбинци, Липково, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Новаци, Старо Нагоричане, Струга, Студеничани, Теарце, Тетово, Чашка, Чешиново – Облешево, и Штип.

Пртијата на власт СДСМ во првиот круг од освои 37 градоначалнички места, ВМРО-ДПМНЕ три, ДУИ две, група избирачи две и Демократската партија на Турците едно.

Одзивот на локалните избори бил помал за околу 300 илјади гласачи вкупно во однос на парламентарните избори во декември 2016.

За СДСМ и коалицијата гласале 415.726 граѓани, за коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 335.054, за ДУИ 89.617, за Алијансата за Албанците 48.767, а Беса 46.464 гласови.