За денеска е закажана нова средба на работната група на коалицијата ВРЕДИ за тоа како ќе учествуваат на локалните избори во октомври.
Оваа средба следува откако лидерите на оваа коалиција во петокот се договорија за продолжување на преговорите.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари неодамна демантираше дека имал каква било комуникација со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а негираше и дека се откажал од ВРЕДИ.
Работната група сега треба да ги подготви сите комбинации на општини и листи за советници, во рамките на заедничкото учество на локалните избори.
Во моментов понудата за Таравари е 35 отсто од кандидатите за градоначалници и општински советници.
На Таравари му е понудено да излезе со кандидати во Гостивар, Струга и Врапчишти, да избира кандидат меѓу општините Липково, Арачиново и Студеничани, како и кандидат меѓу Брвеница и Чашка.
Демократското движење, Алтернатива и БЕСА ќе имаат по тројца кандидати кои најверојатно ќе ги добијат општините.
Во неодамнешното интервју за Алсат, лидерот на Демократското движење Изет Меџити му даде една недела на Таравари да одлучи дали ќе продолжи со ВРЕДИ или ќе оди со ДУИ.