Ракометарите на Вардар вчера во Ланксес арената урнаа една долга и болна традиција, и по 10 меча ја победија во полуфиналето од Ф-4 турнирот Барселона (26-25) за прв пат во Лигата на шампионите. Тоа значи финале против ПСЖ и најголем успех на црвено црните, но и на целиот македонски спорт. Секоја чест за Кометал, ЖРК Вардар, кошаркарите, Ибрагимов и други, но ова е популарен машки екипен спорт, и затоа вечерашното финале (18.00) во Келн не се мери со ништо претходно.
А противник на нашите момци ќе биде составот кој можеби и нема трофеи колку Вардар, само 4 од францускиот шампионат, но затоа доаѓа од земја која е вистински “тиранин” кога станува збор за освоените златни медали на големите натпреварувања. За потврда на тезата. Никола Карабатиќ и Тиери Омејер во кариерите имаат освоено по две олимписки, по 4 Светски и по 3 Европски првенства, и затоа за нив се зборува како за најдобрата генерација во историјата на спорот.
И тоа не е се, зошто во тимот на црвено сините од салата Пјер Де Кубертен, кои идентично на Барселона, се секција на фудбалскиот клуб, а во сопственост на Насер Ел Келафи има дури четворица најдобри ракометари на светот од последната деценија. Голманот Тијери Омејер беше избран од стручните лица за најдобар во 2008. година откако во претходната, својата низа од три вакви признанија ја започна Никола Карабатиќ кој потоа на пиедесталот беше и во 2014. и лани. Во меѓувреме Даниел Нарсис беше прогласен во 2012., а и Микел Хансен е два пати најдобар ракометар на светот во 2011. и во 2015. година.
И затоа човекот број 1 во нашиот првак Арпад Штербик по големиот триумф со Барса искрено рече ”не знам како можеме да го победиме ПСЖ”, но ако некој во Вардар знае, тоа е сигурно единствениот кај нас кој се здобил со ваква почест и тоа во 2005. година.