Кој ги споделува политиките на оваа Влада може да се приклучи кон мнозинството – став на премиерот

За евентуално проширување на владината коалиција и приклучување на Либерално-демократската партија (ЛДП) на Моника Зајкова, премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема разговарано со коалициските партнери.

Тој вели дека владината коалиција е стабилна и цврста, со речиси двотретинско мнозинство во парламентот и секој што ги поддржува политиките на оваа Влада може да се приклучи кон мнозинството.

„Можам да кажам дека владината коалиција е стабилна, цврста речиси официјално две третини мнозинство во рамките на собранието. Секој што ги споделува и поддржува политиките на оваа  Влада може да се приклучи. Дали официјално би биле дел од владината коалиција се уште не сум разговарал ниту во рамките на коалицијата ниту во рамките на партијата“,рече денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.

Сепак, како што вели тој, тоа е процес што е потребно да добие поддршка од сите чинители и оти не е доволно Христијан Мицкоски што ќе каже.

„Важно е да видиме што велат коалициските партнери, нашата внатрешна коалиција во рамките на нашата партија за да дојдеме до конечен став. Но, секоја поддршка од секој пратеник што ги поддржува политиките на оваа Влада е добредојдена во рамки на гласањето во парламентот“, додаде Мицкоски.

Околу можноста за влез на ЛДП во владиното мнозинство од вчера пренесуваат дел од медиумите откако претходно имаше информација дела либерал-демократите излегуваат од коалицијата со СДСМ.

Претседателката Моника Зајкова во изјава за медиумите ја демантира ова информација. Таа и сега, како и во мај годинава, рече дека во Собранието останува да дејствува како независна и оти ЛДП е независен политички субјект, со своја политичка програма и со своја либерална идеологија.