Коѕијас побара од Македонија забрзување на разговорите за името

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас по денешната средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан упати порака до Македонија за забрзување на разговорите за разликите за името.

Коѕијас пред новинарите ја повтори потребата од интензивирање на обновениот дијалог со посредство на медијаторот Метју Нимиц за наоѓање решение до следното лето, бидејќи во 2019 година ќе има избори и во двете земји, па суштинските разговори би можеле да се одложат до 2020 година.


„Треба да побрзаме“, порача Коѕијас, со оглед на тоа дека следната средба на преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис со Нимиц е кон крајот на јануари во Њујорк.

Шефот на грчката дипломатија вели дека е умерен оптимист дека ќе се постигне договор за името, со кој северниот сосед би влегол во НАТО на јунскиот самит во Брисел. Тоа подразбира решение во пакет, објаснува тој, кој би ги опфатил видот на новото име, опсегот на употреба и неговите деривати.

„Ние сме многу загрижени за името, а нашите пријатели во Скопје за прашањето на идентитетот“, изјави Коѕијас.

Освен надминување на спорот за името, тој од Македонија очекува и други потези во насока на „градење мерки на доверба и намалување на иредентизмот“, кој, според него, ги обременувал меѓусебните односи во последните осум години.

Во однос на пројавената намера на македонскиот премиер Зоран Заев да ја посети Атина во почетокот на наредната година, министерот за надворешни работи на Грција оцени дека тоа би имало смисла и би се случило само ако разговорите со соседот влезат во напредна фаза.