Грчкиот министер за надворешни работи размислува дали воопшто да дојде во посета на Македонија која што според грчките медиуми треба да се случи на крајот од месецов.
Причините за премислување на Коѕиас се двојни.
Според првата, грчката страна не добила формална потврда за предложениот датум на посета, тврдат дел од грчките медиуми.
Втората причина е последниот инцидент во кој според грчката страна македонскиот конзул во Канада ја прекршил времената спогодба со тоа што држел говор пред мапа на Етничка Македонија.
Доколку посетата на Никос Коѕиас на Скопје биде одложена тогаш најверојатно до средба со неговиот колега Никола Димитров ќе дојде на маргините на Генералното Собрание на Обединетите Нации во септември кога се очекува засилен дипломатски притисок врз двете страни за изнаоѓање на компромисно решение во спорот за името.
Според Балканската информативна агенција грчката страна сеуште целосно не се откажала од состанокот на кој ќе се разговара за нови механизми кои треба да елиминираат било какви инциденти како тој со генералниот конзул на Македонија во Канада.
Грчките власти се лути и поради тоа што владата на Заев досега јавно не се дистанцирала од инцидентот во Торонто кој според нив е доказ за иредентистичката политика на Македонија и територијални претензии кон Грција.
Од новата влада во Скопје Атина очекува и уривање и преименување на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.