Коѕиас нема страв од летање – пишува Димитар Чулев

Сите со нетрпение и во грч очекуваат шефот на грчката дипломатија да долета на новоименуваниот аеродром,  за да го „сефтоса“ и да го промовира одамна заборавениот коридор Атина – Скопје, затворен со децении.

А, да, и попатно да донесе предлог за име… Зошто ли само одложува е нејасно, но важно е што македонската страна направи уште една во низата отстапки за да го смилува јужниот сосед.

Исчистен од реплики на историски личности и коњи во форма на 1,5 метар висока скулптура на Александар Велики и уште пославниот Букефал кои се неспорен заштитен знак на грчката и исклучиво грчката историја, археологија и култура, скопскиот аеродром може да го прими Никос Коѕиас.

Тргнати се и бесрамните улични графити кои приближно една деценија изигруваа улога на патни табли на автопатот со грчко име Александар Македонски и кон аеродромот Алксандар Велики кој носеше антички назив како репрезент на македонските аспирации кон грчката антика.

Како и од секој добар кум од него се очекува во багажот да го донесе и ветениот подарок: пакетот предлози во кој се крие и името на кумчето, но и џебно издание на „бонтон’ од шест седум точки со упатства околу тоа како да се однесува и што треба да направи „кумчето“ за да добие „амин“ од оној кој го крштева и кој треба да му дозволи да се вклучи во евроатлантскиот свет. И пошироко, се разбира.

И сега, откако се елиминирани сите елементи кои создаваа страв од летање кај грчкиот министер, останува простото прашања: од каде ќе полета и каде ќе слета Коѕиас.

Познавачи упатени во меѓународниот авионски сообраќај речиси со сигурност тврдат дека грчкиот министер ќе полета од Атина, од аеродромот „Елефтерос Венизелос“.

Други, уште поупатени неофицијално тврдат дека „на маса“ е и опцијата Коѕиас да полета од аеродромот во Солун кој во услови на големата презадолженост на јужниот сосед е економски поисплатлива варијанта.

И не само тоа. Полетување од солунскиот аеродром „Македонија“ кон неутрално именуваниот аеродром „Скопје“ во Скопје носи и силна дипломатска порака и дефинитивно става печат на дилемата околу тоа кој на Балканот има ексклузивно име на терминот и поимот „Македонија“ , а кој не.