Коцарев: Резолуцијата на Собранието за македонските државни позиции и ЕУ од 29.7.2021 обврзува да ги раскинеме Преспанскиот и Бугарскиот договор!

„Почујте Македонци, ако не се раскине веднаш денес Договорот со Бугарија, тогаш при следниот попис во Албанија ќе нема веќе Македонци, па така ‘пописните гуми’ во соседите држави, потпомогнати од договорите со Грција и со Бугарија, конечно ќе ги избришат Македонците и во Македонија.“ – предупредува Љупчо Коцарев, академик во македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Три мита ја прогонуваат Македонија“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, натаму Коцарев пишува: Три мита ја прогонуваат Македонија: (1) митот дека опстојот на западната хегемонија е загарантиран, (2) митот дека договорите се недопирливи, нераскинливи и вечни и (3) митот дека сме колективно неспособни, не индивидуално. Првите два мита се должат на преценување дека западната хегемонија и договорите со Западот се поважни отколку што се навистина. Сепак, опстојот на македонството и зачувувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет се поважни од овие први два мита.

Третиот мит се должи на потценување – материјалните, а не духовните, потреби на Македонците и империјализмот на нашите соседи, ЕУ и САД кон Македонија, изразен преку водење хибридни војни, вклучувајќи и промена на историскиот поглед, агресивното влијание врз политиката и економијата на Македонија, ги направија Македонците ранливи на потчинување. Трите мита се нераскинливо поврзани, па, така, митот за македонската колективна неспособност ги подгрева другите два мита: привидот дека во закрилата на западната хегемонија Македонија ќе обезбеди заштита и привидот дека договорите со Западот ќе донесат стабилност и опстојување на македонството и македонскиот народ.

Ваквиот пристап е целосно погрешен и прави од нас поданици, полтрони, слуги. Тука ќе ги потсетам политичките елити во Македонија на два члена од Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, усвоена од Собранието на Република Македонија на 29 јули 2021 година.

Членот 3 гласи: „Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто: – македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен и свој временски континуитет, / – македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазик, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и од наративот за припадноста на одреден географски и историски простор… “ Членот 6 гласи: „Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“.

Оваа Резолуција на Собранието на Македонија треба да обврзува, а не којзнае по кој пат и овој официјален документ на Собранието да биде заборавен – третиран како ѓубре. Оттука, тргнувајќи од Резолуцијата, сите можни идни акти и договорите, што не се во согласност со Резолуцијата, треба да се отфрлат, а за веќе потпишаните договори, кои не се во согласност со Резолуцијата, не треба повторно да се преговара. Уште помалку тие треба да се спроведат, туку треба веднаш да се раскинат! Таков е Договорот со Бугарија, па затоа порачувам: раскинете го веднаш!

Таквиот чекор ќе има тројна полза: враќање на самодовербата и конечно создавање горди Македонци, почитување на Македонците од сите: и однадвор и одвнатре, и праќање силна порака до сите: ние сме суверена држава, а не вазален протекторат. Разочарувањата во однос на можните политики, спротивни на македонството и на Резолуцијата, ќе бидат погубни, катастрофални, фатални за Македонија и за Македонците.

Вистинскиот тест, со кој денес се соочува Македонија, е кристално јасен: враќање на изгубеното – на македонството. Дали ова досега беше живот? И уште еднаш: дали ова досега беше живот? Дали имаме храброст? Според моето мислење: да – можеме и мораме да го раскинеме договорот со Бугарија! А што мислите вие?