Коцарев: Мора веднаш да дејствуваме и да продолжиме, но не обезличени, туку како Македонија, без Договорот со Грција!

Историски гледано, Европа никогаш не ги бранела интересите на македонскиот народ, оттука произлегува и изразот ‘Вавилонска блудница. Тоа продолжува и денес: ЕУ е за македонскиот народ новата Вавилонска блудница. Во Заклучоците на Советот на ЕУ, во рамки на општата позиција на Европската Унија и во Преговарачката рамка (станува збор за официјални и обврзувачки за Македонија ставови/документи на ЕУ) се вградени билатералните договори со Грција и со Бугарија и голем дел од дополнителните барања од Бугарија. Тоа е негирање од ЕУ на сè што е македонско: народ, јазик, култура, историја. – вели академик Љупчо Коцарев во својата колумна со наслов „Македонија не може да продолжи, Македонија ќе продолжи!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Покрај другото, натаму Коцарев пишува: Безрезервната поддршка кон ЕУ, без водење грижа за македонските национални интереси, нам, на Македонците, ни се врати со разнебитување на Македонија. Американскиот ветер на промени и правда во македонските едра задоцни: европските документи се веќе донесени и тие може да се сменат само со консензус во ЕУ, а Македонија може да ги раскине само билатералните договори.

По внесувањето во Уставот Бугарите бргу ќе дојдат до бројката од 20 проценти, па ќе станат државотворен народ и конечно ќе ги избришат Македонците како никогаш и да не постоеле. Тие го посакуваат тоа веќе со години). Оттука, „да за ЕУ, да за Македонија“, треба да подразбира единствено: „да за ЕУ, не за уставни промени“. Но, некои членки на ЕУ, некои наши соседи, но и дел од политичките елити во Македонија, всушност, не сакаат Македонија да биде дел од ЕУ-семејството, што досега многупати го докажаа. Тоа ја подразбира намерата Македонија да се претвори во дувло на криминал, дно на дното, држава, во која царува распуштено, неконтролирано и бесно однесување, вистински башибозук. Македонија одамна се наоѓа во таква состојба.

Дојдовме до дното на сите дна, па, затоа наша последна шанса е веднаш да дејствуваме и да ја спречиме катастрофата. Во однос на националните интереси денес, Македонија е некаде меѓу одењето по површина, без почва под нашите нозе, и паѓањето. Веќе одиме над бездната, ја изгубивме почвата под нашите нозе и единствениот начин да не паднеме во бездната и Македонија да не се разнебити е да погледнеме надолу во бездната и да постапиме соодветно. Што претставува извор на нашите проблеми? Одговорот го знаат сите: Договорот со Грција! Оттука, од него треба да почнеме.

Едногласно, сите леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата, да говориме за неговите неправедни, понижувачки, нелогични, бесмислени членови и ставови. Сите! Инаку Македонија ќе наликува на ликот од книгата „Неименуваниот“ на Семјуел Бекет. Неименуваниот, или безимениот, е неподвижен човек, човек што не може да се движи, неспособен да зборува и неспособен да не зборува. Човек, кој речиси ништо не гледа, ништо не слуша, ништо не чувствува. Личност обезличена до наједноставна форма, од која останува само свеста.

Затоа, за да не станеме безимени: народ без име, парафразирајќи ги последните антологиски зборови од книгата со наслов „Неименуваниот“Не можам да продолжам. Јас ќе продолжам“ и јас ќе го завршам овој текст со зборовите: Македонија не може да продолжи, Македонија ќе продолжи!