Коцарев: Македонија треба да поведе постапка за геноцидот врз македонските деца од Егејскиот дел преку протерувањето по 1945!

„Геноцидот во денешниве геополитички превирања сѐ повеќе ја бранува меѓународната јавност. Според ‘Конвенцијата за спречување и казнување на кривичното дело геноцид’ од 1948 година, геноцид е и ‘насилно префрлање на децата од групата во друга група’. Оттука, државата Македонија има елементи да поведе постапка за геноцидот, што е извршен со протерување на македонските деца од Егејска Македонија по Втората светска војна!“ – нагласува академик Љупчо Коцарев од Македонската академија на науки и уметности во својата колумна со наслов „Резолуција за македонскиот културен геноцид“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

Натаму, покрај другото, Коцарев пишува: Под културен геноцид се подразбираат „акти и мерки преземени за уништување на културата на нациите, или етничките групи преку духовно, национално и културно уништување“. Многубројни се примерите за културниот геноцид врз Македонците во Грција: на пример, во текстовите „Негирање на етничкиот идентитет“ од 1 мај 1994 година на организацијата ‘Хјуман рајтс воч’ (Human Rights Watch) и ‘Невидливото малцинство на Грција – Македонските Словени’ на Би-би-си (BBC) од 24 февруари 2019 година. Двата текста се достапни на соодветните веб-страници.

Македонските политичари направија културен геноцид врз Македонците и со потпишувањето на договорите со Бугарија и со Грција, како и со прифаќањето на Преговарачката рамка – документ на ЕУ за започнување на пристапните преговори со ЕУ. Прашањето дали во Македонија има културен геноцид е излишно – ние ја знаеме вистината дека пред нашите очи се одвива културен геноцид.

Што треба да направиме? Дали процесот е повратен? Да! Прво што треба да се направи е да се иницира донесување резолуција за македонскиот културен геноцид! Ги повикувам интелектуалците и обичните жители на Македонија да започнат со иницијативата. Текстот на резолуцијата треба да биде едноставен, читлив и разбирлив за секого и да го изразува македонскиот непокор. Иако оваа резолуција нема да биде обврзувачка, ако биде усвоена, таа ќе биде, сепак, чекор кон принудување на режимот, што замина, барем морално да ја прифати одговорноста за своите (зло)дела. Но е многу позначајно тоа што таа ќе биде чекор, кој ќе им покаже на помоќните, на ЕУ, на соседите, меѓутоа и на сограѓаните, дека Македонците не можат да одат подолу од ова.

Двете неправди, иницирани повторно од Европејците, но прифатени од некои македонски политичари: првата – договорите со Бугарија и со Грција, и втората – Преговарачката рамка, не се поништуваат една со друга: не чинат правда. Оттука, време е ние да ги помрднеме работите: време е за резолуција!

Каква ќе биде судбината на Македонија? На веб-страницата на Радио Слободна Европа сѐ уште може да се прочитаат мислењето, поставено на 9 февруари 2017 година, на Дана Рорбахер, претседателот на Поткомитетот за Европа, Евроазија и новите закани во Претставничкиот дом на САД. Според тоа мислење, „Косовците… и Албанците во Македонија треба да станат дел од Косово, додека остатокот од Македонија треба да стане дел од Бугарија или од други земји“ .

Случувањата во Македонија во изминатите седум години, од 2017 до изборите во 2024 година, ги потврдуваат ставовите на конгресменот: де факто разделувањето не се случи, но де јуре тоа веќе се случи. Поранешната македонска владејачка елита, вклучувајќи го и поранешниот претседател на државата, само поради користољубиви причини и сервилност упорно работеа за остварување на сценариото на конгресменот.