Котлар: Идниот претседател на РМ и пратеници ќе треба „да ги набркаат кучињата од кујната“ и да владеат за народот и државата!

„Ако целат кон нови вредности сегашните кандидати за претседател/ка на Републиката, или за пратеник во народното собрание, поставувајќи се наспроти ветрот, тогаш ќе треба да се вооружат со совест, свест, трудољубивост, со чест и волја за воспитано и посветено општонародно однесување и дејствување! Но ќе треба и да ги набркаат ‘со дрво, како што готвачите го гонат кучето од кујната’ (‘Џган’ – Г.Прличев) од својата близина и дружба вечните ликови во споредна улога на сите власти, позициски и опозициски – соработници, политиканти, музиканти, директори, советници, грчко-македонски, бугарско-македонски комисисти и други.“ – вели д-р Наташа Котлар-Трајкова, универзитетски професор во Институтот за национална историја, во својата колумна со наслов „Предизборно за лицемерието – духовниот кукавичлак“, што ја објави весникот „Скопско ехо“.

Котлар-Трајкова пишува: Во периодот по ослободувањето и префрлувањето на АСНОМ во Скопје (второто заседание на АСНОМ, декември 1944 година и третото, во април 1945 година,  настануваат неколку битни процеси: спојување на партиските и државните органи во насока кон монопартизам (КПМ), отстранување на сите граѓански, самостојни, стручни или угледни во народот кадри од власта. Политиката, репресијата и послушноста преовладуваат во новиот систем.

Но, наспроти еднопартискиот и федерално-централистичкиот поредок, македонската држава сепак успеа да мобилизира значителен дел дел од човечкиот, природниот и стопанскиот потенцијал за развој и бележи повеќе значајни економски, социјални и културно-научни постигнувања, но и афирмација. Изградени се значајни индустриски и стопански капацитети, патна и комунална инфраструктура. Ова покажува дека во тие и такви услови, сепак, преовладале идејните вредности за општествено добро, кое овозможува и лична добробит.

По кризата на системот и раздружувањето од југословенската федерација, на самиот почеток од 90-те години на 20 век, во улога на претставнички и владеачки чинители во македонската независна држава, станаа наследниците на лажните комунисти со арамиска нарав, себичност и агресивност за лично богатење. Газејќи сé пред себе, тие веќе три децении се вистинските властодршци и едвај го сочинуваат оној 1 процент од вкупниот број на активните претпријатија, во кои се концентрирани големите пари и големите акции.

Финансиските и политичките реформи, новите политички идеи, новиот општествен договор и економски систем не се во нивната област на размислување и дејствување! Овие новосоздадени богатници се јавуваат како големи поддржувачи на поголемите политичко-партиски групировки и на нивните власти. Затоа и не можат, власта и опозицијата да понудат мерки со конкретна содржина во ова време, апокалиптично за народот и државата!

Нам – ние што го чиниме народот, во животот, особено во општествено-политичкиот живот – не ни се потребни старонови подлизурковци, нарцисоидни, упорни, а тапи! За бедата на духот знаеме и доста ни е од „духовниот кукавичлак“, од лицемерието! Оттука, вие, учесници во политичката борба: знајте дека мудроста на оние, што владеат, или целат кон тоа, не се огледа во големите достигнувања, туку во спречувањето на можните фатални грешки!